fbpx

Можеби не постојат правила за тоа како треба да се користат социјалните мрежи, меѓутоа постојат основни правила за како НЕ треба да се користат, посебно ако сакате да создадете професионална слика за Вашиот бренд.

Социјалните мрежи се огромен дел од Вашата маркетинг стратегија и нивното правилно користење може да доведе до голем пораст на продажбите на Вашите производи и услуги или едноставно за подобрување на целокупната перцепција за Вашиот бренд.

Најефективниот начин да водите успешен маркетинг на Вашите социјални мрежи е да ги знаете основните правила, да внимавате да не правите грешки или брзо и неприметливо да ги поправате.

Сепак, грешки се прават секојдневно. Дури и најголемите брендови имаат направено грешки кои станале вирални. Земете го за пример Скот Дисик, тој ненамерно ги копираше инструкциите за тоа како да постави реклама на Инстаграм од својот асистент. 

Ако се земе во предвид дека Скот Дисик заработува 20.000 долари за еден спонзориран пост, ова и не е толку мала грешка.

Еве ги главните 5 правила кои ќе ви помогнат да ги трансформирате Вашите профили на социјалните мрежи:

Не правете Giveaways ако не сте спремни за тоа

Во време кога секојдневно на Вашиот News Feed гледате најразлични наградни игри, речиси станува невозможно да разликувате што е вистинито, а што не. Многу брендови направија големи грешки кои ги чинеа многу со тоа што ветуваа големи награди кои потоа неможеа да ги исполнат. Земете го за пример брендот Sunny Co. Clothing

Сакајќи да го промовираат нивниот нов модел на костим за пливање, тие ветија дека секој што ќе ја репостира нивната слика и ќе ги тагира на својот личен профил во рок од 24h ќе добие бесплатен костим за капење во вредност од $65.

Она што брендот не го очекуваше е дека илјадници фанови ќе ја споделат сликата и тие беа принудени да го стопираат Giveaway-от, што секако многу ги налути корисните кои го исполнија својот дел од примамливата понуда.

Кога правите Giveaway, секогаш внимавајте на овие 3 работи:

  • Вашите правила да бидат формулирани на тој начин што ќе Ви донесат следбеници на Вашиот профил.
  • Трошокот што ќе го направите (бесплатните работи што ќе ги дадете +  логистички трошоци + трошок за спонзорирање на постот) да вреди за напливот на нови следбеници или продажбата на производот кој сакате да го рекламирате. Верувајте, ова е важен чекор ако не сакате да бидете разочарани.
  • Да бидете спремни за голем број нови пораки и да знаете како професионално да се справите со ситуацијата и да не го загубите вниманието на новите потенцијални купувачи.

Никогаш НЕ постирајте за политички или сензитивни социјални теми

Вашето мислење нека остане само за Вас или за кругот на Вашите пријатели. Вашите социјални мрежи треба да бидат место со релаксирана атмосфера. Место каде што Вашите потрошувачи ќе разговараат со Вас на неформални теми. 

Секогаш треба да внимавате да не постирате материјал кој што може да навреди одредена група на луѓе. Оставете ја политиката да врти низ вестите и порталите кои се наменети за тоа, никогаш не ја постирајте Вашата политичка определеност и не изразувајте подршка кон контроверзни јавни личности ако сакате Вашиот бизнис да не биде засегнат од моменталната ситуација во државата во која што живеете или ги нудите Вашите услуги и производи. 

Не губете го клиентот во моментот кога ќе Ви стигне порака во Вашето сандаче

Ова е можеби и најважниот чекор на кој не внимават 80% од брендовите кои ги продаваат своите производи на социјалните мрежи. 

Вашата слика може да биде професионална, Вашиот текст со кој ги повикувате Вашите клиенти да ви пишат за нарачка во Инбокс исто така. Но, во моментот кога веќе го добивате потенцијалниот клиент во Вашето сандаче дали ќе ја извршите продажбата или не, зависи комплетно од Вас и Вашите продажни способности.

Она што е најважно е да бидете комуникативни на професионален, но не формален начин. Не сакате да ги исплашите со премногу професионален пристап но не сакате ни да ги исплашите со комплетно некултурен начин на комуникација. 

  • Одговарајте трпеливо на прашањатата кои ќе Ви ги постават.
  • Секогаш пишувајте на кирилица ако разговарате со клиенти од нашата држава.
  • Не враќајте само со краток одговор –  Да или Не, образложете го Вашиот одговор.
  • Никогаш не ја пишувајте само цената на производот кога ќе Ве прашаат за цена. Додадете и неколку податоци за производот и инструкции како да го нарачат ако сакаат.
  • На крајот на секој разговор пишете благодарам за нарачката или благодарам за заинтересираноста.
  • Не плашете се да ставите и неколку emoji во разговорот 😍🥰👌❤️, верувајте ќе помогнат да го задржите вниманието на потенцијалните клиенти.

Не игнорирајте ги негативните коментари

Една од најголемите грешки кои брендовите ги прават е да ги игнорираат негативните коментари или reviews оставени од потрошувачите на производот или услугата.

Кога потрошувачот има проблем со Вашиот продукт или услуга, тој проблем треба да биде адресиран правилно. 

Сите компании не ги враќаат парите кога потрошувачите не се задоволни од она што го купиле, меѓутоа она што треба да важи за сите е учтивоста.

Можеби мислите дека коментарот од еден клиент не е важен и не е вредно да си го губите времето објаснувајќи, меѓутоа тој коментар може да биде видлив и да биде првото нешто што ќе го забележат многу други корисници кои ќе го отвораш Вашиот профил.

Во тој случај би сакале сите да видат дека вие сте коректен бренд кој се грижи за своите потрошувачи. Затоа секогаш треба да бидете транспарентни, искрени и да сочуствувате со Вашите клиенти. 

Секогаш можете да напишете: Навистина ни е жал за Вашето лошо искуство со нашиот бренд, се надеваме дека ќе нѝ дозволите да го поправиме ова негативно искуство при Вашата наредна нарачка. 

Ако долевате масло и влегувате во непотребен конфликт со клиентот тогаш можете само да изгубите, затоа секогаш бидете учтиви, толерантни и имајте епматија со проблемот со кој се соочуват. 

На пример брендот Z Palette направи огромна грешка кога неучтиво одговори на коментарите дека нивните производи се прескапи и ги нарече своите потрошувачи сиромашни. 

Не кажавме дека водењето бизнис е лесно, меѓутоа најважно е она што го правите да го правите со ЉУБОВ и тоа да се види во комуникацијата и со најтежките клиенти. 

Не постирајте премногу

Сигурно досега сте ја слушнале изреката: Важен е квалитетот, а не квантитетот. И верувајте, секогаш треба да се водите според ова правило кога постирате на Вашите социјални мрежи.

Внимавајте сликите кои ги постирате и текстот да бидат квалитетни, јасни и прецизни. Да има одредена естетика кога корисникот ќе го отвори Вашиот профил наместо лошо нафрлени слики кои на крај нема да ви донесат никаков резултат.

Исто така треба да внимавате Вашите објави да не се повторуваат. Тоа е најлесен начин да ги изгубите Вашите следбеници. Она што би им здосадило повеќе од премногу постови е постови кои секојдневно се повторуваат. 

Социјалните мрежи се како секоја друга маркетинг алатка, Ви треба прецизен план, истражување, конзистентност во објавите и многу добри комуникативни способности.

Грешки се случувале и ќе се случуваат, независно колку е добра Вашата маркетинг стратегија. Она што е важно е како ќе се справите со истите.

Запомнете! Вашиот бренд Ве претставува Вас. Забавувајте се со Вашите социјални мрежи, сè што правите правете го со многу љубов и верувајте тоа ќе се забележи и ќе биде ценето.