fbpx

Живееме во свет со неограничени можности. Со само неколку кликови, секој може да започне свој сопствен бизнис. Секој може да се здобие со некакви вештини, да произведе и понуди иновација, да изгради онлајн продавница, да лансира реклами на социјалните медиуми и да изгради своја група на лојални потрошувачи. Тоа значи дека секој пазар станува преплавен од бизниси кои нудат слични производи, услуги и решенија.

Доколку сакате да се издвоите од толпата на социјалните медиуми, потребно е да имате бренд со кој корисниците ќе можат да се поврзат и да развијат длабока врска која всушност им вреди.

Во продолжение ќе споделиме совети и стратегии за како да изградите бренд, или пак, да го подобрите Вашиот веќе-постоечки.

Што е всушност бренд?

Пред да преминеме кон советите и стратегиите, најпрво да расчистиме што е всушност бренд, или поточно што ние подразбираме под бренд. Зборчето „бренд“ се користи многу во маркетингот и иако звучи како нешто многу едноставно, всушност е многу комплицирано да се објасни, бидејќи нема една единствена дефиниција.

За некои бренд претставува нематеријалната сума на атрибутите на еден производ. Други, пак, го опишуваат брендот како оној внатрешен човечки инстинкт во врска со одреден производ, услуга или организација, а пак трети го опишуваат едноставно како идентитет. Сите вредности на бизнисот, сите принципи, Вашите начини на работа и функционирање, Вашите карактеристики и Вашите намери, го сочинуваат Вашиот бренд.

Заклучок: Вашиот бренд е идентитетот на Вашиот бизнисот и како луѓето се чувствуваат во врска со Вас.

4 начини да изградете препознатлив бренд

1. Запознајте ги Вашите потрошувачи што е можно подобро

Многу од сопствениците на бизниси знаат добро да го објаснат својот бизнис. На пример, да речеме дека имате дигитална маркетинг агенција, објаснувањето на Вашето “што” и “како” е мошне едноставно:

  • Она што го правите е им помагате на индивидиуалци, мали, средни или големи бизниси да се пласираат на социјалните медиуми на правилен начин и да останат во чекор со нивните конкуренти.
  • Како го правите тоа можеби варира со оглед на тоа што постојат многу социјални медиуми и уште повеќе начини на рекламирање, но всушност претставува осмислување на маркетинг кампањи, пронаоѓање на вистинската публика и успешно пласирање на социјалните мрежи за Ваши клиенти.

Во главно, потрошувачите не се премногу заинтересирани како Вие ја вршите Вашата работа – алатките кои ги користите, на кој начин креирате реклами и слични работи. Она што единствено ги интересира е „зошто оваа маркетинг агенција е важна за мојот бизнис?“ И Вашата важност за нив се едначи со ефикасноста и успешноста од Вашите маркетинг услуги.

За да бидете што е можно поефикасни во креирањето реклама за нив, најважно од cè е да ги прашувате вистинските прашања и да поминувате доволно време заедно со сопствениците на бизнисите за кои правите маркетинг. Важно е да ги слушате внимателно, да ги прашувате важни прашања за нивниот бизнис, да навлегувате во детали, да дознаете точно како нивниот бизнис функционира и само тогаш ќе можете да креирате реклами во нивно име – како да се креирани од самите сопственици, што, многу логично, е и самата цел.

2. Пронајдете функционални, технички и емоционални бенефити што Вашиот бизнис ги нуди

Откако ќе завршите со истражувањето за Вашите потрошувачи, можете да започнете да размислувате за сите можни начини со кои Вашиот бизнис ќе им понуди вредност на Вашите потрошувачи. Три од клучните елементи кои треба да се запазат при градење бренд се функционални, технички и емоционални бенефити што Вашиот бизнис ги нуди на потрошувачите.

  • Технички бенефити: Под технички бенефити подразбираме она што всушност го правите Вие за Вашите потрошувачи, што Ве дефинира како компанија. Како Вашиот бизнис им помага на потрошувачите? Како ќе заработувате? Што нудите? На пример, за една маркетинг агенција техничкиот бенефит е креирање и лансирање реклами на Facebook, Instagram и канали на други социјални медиуми.
  • Функционален бенефит: Функционалниот бенефит што може да го понудите на потрошувачите е исто важен и е всушност што точно добиваат Вашите потрошувачи со купување на Вашите производи или услуги. Овој вид на бенефити обично се фокусира на нешто како на пример како производот или услугата им го подобрува или олеснува животот. На пример, функционалниот бенефит од една маркетинг агенција е што нема да мора сопствениците на бизниси да ги приморуваат вработените да враќаат на пораки и коментари на социјалните медиуми или пак да прават “Boost Post” и да сметаат дека тоа е единствениот начин на рекламирање на Facebook, и, се разбира, да очекуваат ефективност.
  • Емоционален бенефит: Последниот, и најчесто занемарениот, емоционалниот бенефит е доста важен фактор при градењето на еден бренд и може да ја направи разликата за да се издвоите од толпата. Овој бенефит е начинот на кој Вашиот бренд ги прави Вашите потрошувачи да се чувствуваат при секое Ваше комуницирање со нив, офлајн или онлајн. На пример, Nike Ве прават да се чувствувате како професионален спортист со секоја нивна објава и реклама на социјалните медиуми.

Започнете да барате зборови и начини за како да се поврзете со Вашите потрошувачи или потенцијални потрошувачи на емотивно ниво, како да ја опишувате Вашата компанија или пак проблемите со кои можеби се соочувате.

3. Осмислете едноставен слоган и поракa

I’m lovin’ it, Just do it, Think different, Open Happiness, Make believe, Think small… овие се некои од најпознатите слогани на сите времиња кои, се разбира, припаѓаат на некои од најголемите брендови во светот. При самото читање на овие слогани веднаш знаете за кој бренд станува збор, а уште поинтересно е што веднаш знаеме и зошто тој слоган им припаѓа токму нив. Ова е моќта на тоа да се биде способен да ја преточите Вашата порака во нешто толку едноставно и препознатливо.

Можеби звучи лесно изводливо, но во пракса, ова е многу тешка задача. Овие едноставни слогани на некои брендови им дојдоа сами по себе после повеќе години постоење. Сведување на сè она што Вашиот бренд претставува во само една реченица е мисија што не можете да ја исфорсирате. Еден добар начин да го осмислете Вашиот слоган е да одржите brainstorming сесија и да створите добра атмосфера за споделување идеи. Или пак, секој од тимот да си ги запишува идеите приватно одреден период и сите да ги споделат и групно да се дискутираат после некое време.

Најинтересен факт е што најдобрите идеи секогаш доаѓаат надвор од канцеларијата. Тоа значи, излезете од канцеларијата, оддалечете се со мислите и опуштете се.

Можеби се прашувате: „Зошто слоганот е толку важен?“

Од лично искуство, никогаш немам купено Кока Кола бидејќи слоганот им гласи „Отвори среќа“. Но, овој слоган на Кола ми ја кажува нивната единствена мисија – да шират среќа (преправајте се дека не знаете колку всушност е штетна кока колата и фокусирајте се на незаменливиот вкус 😍).

4. Осигурете се дека Вашиот бизнис го живее Вашиот бренд

За да бидете успешни и Вашите потрошувачи да веруваат во Вашата порака, треба да го живеете Вашиот бренд. На пример, Nike нѝ кажува дека нивната мисија е „да носат инспирација и иновација на секој спортист во светот“. И навистина го прават тоа – не само на професионалните спортисти. Но, Nike не нѝ го кажува тоа, туку живее и постои од тоа. Отворете го нивниот Instagram профил и веднаш ќе го забележате нивниот опис: „If you have a body, you are an athlete.“, и тоа е сè што треба да знаете за овој бренд.

Тоа е причината зошто компанијата се фокусира на креирање иновативни патики и облека, и зошто нивните маркетинг кампањи се секогаш фокусирани на инспиративни пораки и приказни.

Се разбира, не сите бизниси, особено помалите, ги немаат ресурсите со кои Nike располага, или пак пристапот до глобално познатите супер-ѕвезди. Но, сепак, вреди да се споредувате и водите по тоа како големите брендови се градат и како успешно ја пласираат својата порака на секоја можна платформа.

Како што спомнав на почетокот од објавата, Вашиот бренд е идентитетот на Вашиот бизнисот и како луѓето се чувствуваат во врска со Вас. Секој еден момент или една интеракција со Ваши потенцијални корисници треба да го претставува Вашиот бренд и она по кое сакате да сте препознатливи.